Шахпаска: Ја намалуваме старосната граница за пензионирање на рударите

Ја намалуваме старосната граница за пензионирање на рударите, соопшти денеска на прес-конференција пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаска.

„Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои обезбедуваме бенефициран стаж на рударите.

Со овие измени рударите ќе можат да заминат во старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени.

Тоа значи дека ако сега рударите се пензионираат со навршени 58 години, со новите измени, ќе се пензионира на околу 50 години.

Им овозможуваме на осигурениците кои работат на работни места на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење да им се намалува возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж.

Со овие законски измени се реализира уште едно ветување од Програмата на Владата на СДСМ, но исто така се исправа една голема неправда и се излегува вo пресрет на долгогодишните барања на рударите.

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ продолжува да работи на спроведување на мерките што обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните, задоволни работници, фер општество и повисок животен стандард за сите граѓани.“, изјави Шахпаска.

Таа не прецизира колкав број рудари ќе бидат опфатени со оваа мерка, посочувајќи дека податоците се кај Министерството за труд и социјална политика.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.11.2018 - 11:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега