Стојаноска: Во амандманот 35 не е јасно за која Република станува збор
Во предлогот на амандманот 35 се наведува под 1 – „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“. Под 2 – „ Со точката 1 овој амандман се надополнува со членот 3“. Пред се не е јасно за која Република станува збор, посочи Дафина Стојаноска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција, при заседавање на седницата во Собранието на Република Македонија при читањето на амандманот.
Стојаноска образложи дека ако тоа е Република Македонија позади зборот Републиката треба да стои зборот Македонија. Ако пак предлагачот смета дека треба дека треба да биде Република Северна Македонија тогаш треба да смогне сила тоа така и да го предложи со овој амандман. А, не да се служи со безлични именки давајќи притоа еден циничен и демагошки приод.
-Со амандманската интервенција од 1992 година веќе е содржана уставната одредба дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Со истиот амандман изменет е членот 3 од Уставот на Република Македонија во кој се наведува дека – „Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принцип на доброволност и во согласност на прифатените меѓународни норми“. Оттука не ми е јасно што е целта на предложениот амандман. Бидејќи со амандманската интервенција на 1992 година во Уставот на Република Македонија се наведува дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Тоа значи дека со тоа го почитува и суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, појасни Стојаноска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа