Рокада во раководството на ДУИ: Реџепи на местото на Груби, Груби на местото на Лика

 

Атила Реџепи за нов генерален секретар на ДУИ и Артан Груби за организациски секретар на партијата, се двете кадровски решенија за испразнетите партиски функции што по околу три часа ги донесоа Централното претседателство и Генералниот совет на ДУИ на двата одвоени и последователни состаноци што доцна попладнево се одржаа во партиското седиште во тетовска Мала Речица.

Партискиот портпарол Бујар Османи, посочи дека главната цел на двата сотаноци на овие партиски тела пред завршувањето на оваа календарска година било ретроспектива на политичките состојби и случувања во измината година.

-Беше разгледана улогата на ДУИ во важните политички процеси изминатата година, но и предизвиците што претстојат и со кои ќе се соочува партијата, граѓаните и државата во 2019 година. Бидејќи местото генерален секретар на ДУИ остана испразнето по смртта на Абдулаќим Адеми денешните седници беа искористени од страна на претседателот Али Ахмети да го предложи професорот Атила Реџепи за оваа позиција, како и пратеникот Артан Груби за организациски секретар што беше прифатено од членовите и на Централното претседателство и Генералниот совет. Нивна задача ќе биде да му помагаат на претседателот Ахмети во партиските задачи, како и подготовката со регистрацијата на членството и изборите на младинскиот форум и форумот на жени за конгресот на ДУИ во јуни следната година, рече Османи.

Една од главните теми на состаноците на телата на ДУИ била и завршувањето на процесот на уставни измени што се очекува до средината на јануари.

-ДУИ имаше клучна улога во целиот овој процес и неговото менаџирање. Се уште сме анксиозни околу завршување на процесот бидејќи се оди по раб на потребното мнозинство. Но сметаме дека процесот е иверзибилен, односно неповратен. Сепак сите треба да бидат внимателни за да го заокружоме така како што треба и со тоа да ги отвориме сите можни перспективи за државата, изјави Османи.

Според него, на денешната седница не било разговарано за застрелувањето на видниот партиски член Ваљон Бела во Скопје бидејќи, како што рече Османи, тој настан не е поврзан со ДУИ и оти тоа е прашање на работата на институциите на системот. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.12.2018 - 21:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега