Владо Бучковски: Ќе воскресне ли СДСМ?

 

Во предвечерието на Христовото воскресение и Велигден, најпрвин им ги честитам на читателите на „Дневник“ велигденските празници. Тема на мојава денешна колумна се очекувањата од конгресот на СДСМ. Дали е можно СДСМ повторно да стане победничка партија? Дали со заминувањето на Црвенковски, СДСМ ќе воскресне?

Последната победа на СДСМ беше на локалните избори во март 2005 година. Тогаш СДСМ освои 330.895 гласа на листите за советници, а ВМРО-ДПМНЕ имаше поддршка од 255.781 гласач. СДСМ освои 39 градоначалници, а ВМРО-ДПМНЕ 21 градоначалничко место. СДСМ имаше 436 советници, а ВМРО ДПМНЕ 323 советника. На последниве локални избори СДСМ доживеа катастрофален пораз, на листите за советници доби поддршка од 289.193 гласачи, а ВМРО-ДПМНЕ доби поддршка од 403.415 гласачи, СДСМ со коалицијата има 4 градоначалника, а ВМРО-ДПМНЕ со својата коалиција има 58 градоначалници!

Правејќи паралела со резултатите од последната победа на СДСМ во 2005 и последните резултати од локалните избори во 2013 година, се забележува дека пред 8 години се победуваше со 330.000 гласа, денес за победа се потребни 450.000 гласа. Оттука, јасно е дека на СДСМ му треба претседател и раководство кое може да ја надомести моментната разлика од најмалку 120.000 гласа (односно 150.000 гласа ако како репер се земе разликата на листите за градоначалници). Тоа не е нималку лесно. Уште повеќе ако се има предвид начинот на кој функционира ВМРО-ДПМНЕ, организациски и теренски е далеку понадмоќен од СДСМ, а од друга страна максимално ги користи сите полуги на власта.

Сепак, првиот и најзначаен чекор е СДСМ вистински да го победи Црвенковски. Неговата најава за повлекување, односно дека нема да прифати кандидатура за уште еден мандат на Kонгресот на 2 јуни, не значи ништо, ако не се променат погрешните политики кои беа промовирани во последниве две години и ако со него не се повлечат и најмалку десетина негови најблиски соработници. Сите ги знаат нив, тие ја загосподарија „Бихаќска“ во последниве 10 години! Тие беа тука на „Бихаќска“ и кога Црвенковски привремено замина во кабинетот на претседателот на државата... Правеа само сплетки и интриги... Работеа отворено да се загубат изборите во 2006 година (го искористија максимално и Тито Петковски и новосоздадената НСДП во остварувањето на своите намери), се наметнаа на Радмила Шекеринска во борбата со мене, седнаа потоа во првите редови, па тоа скапо ја чинеше и неа и партијата. Го донесоа потоа по поразот во 2008 година Зоран Заев за в.д. претседател, потоа направија с` за да се врати повторно Црвенковски. За да го спасел СДСМ?!

За состојбите во СДСМ пишував на долго и широко, предупредував што ќе се случи. Анализирав во изминативе две години каде греши Црвенковски. Да потсетам, напишав во јуни 2011 година дека СДСМ стана заложник на личните амбиции на Црвенковски, тој да го победи Груевски, а не СДСМ да го победи ВМРО-ДПМНЕ! Денес е повеќе од јасно дека тоа беше фатално. Ваквата погрешна стратегија на Црвенковски беше поддржувана од неговото најблиско опкружување со кое го загосподари и извршниот и централниот и надзорниот одбор. 

Да потсетам на охридскиот конгрес во мај 2009 година, Црвенковски сам го избра централниот, надзорниот и извршниот одбор, побара доверба за да го ресетира СДСМ и побара избор со акламација. Тие членови на централниот одбор, по функција се делегати на конгресот. На истиот начин, неговите фаворити беа избрани со акламација и за претседатели на општинските организации. Тие исто така се делегати на Kонгресот. Овие, со акламација избрани претседатели, беа извршителите при изборот на преостанатите делегати за Kонгресот во Битола во 2011 година. Нивниот избор беше строго контролиран од централата во Бихаќска, од најблиското опкружување на Црвенковски, од оние кои ја мереа должината на ракоплескањето по неговите говори на Централниот одбор и кои бележеа кој или кои први престанале или воопшто не ракоплескале! 

Значи, за избор на новиот претседател на СДСМ и за новото раководство ќе одлучуваат делегати кои не се избор на членовите на локално ниво, туку се диригирани од централата по налог на Црвенковски и неговите. Затоа јас неколкупати пишував дека СДСМ мора да го напушти делегатскиот систем, а да се промовираат непосредни внатрепартиски избори, секој член на СДСМ да има право на глас!

Во вакви околности, кога некои делегати и самите не знаат дека се избрани, не ме изненадува што секретарот во заминување Андреј Петров го крие нивниот список. Веројатно и нему му е срам од тоа што јавноста би го видела. Цели семејства на блиските соработници на Црвенковски се делегати, плус нивните соседи, плус нивните пријатели од младоста, плус колегите од работа на оние кои некогаш нешто работеле во животот. 

Затоа на СДСМ му треба реформа! Нема поприоритетна реформа од промена на изборниот модел! Додека не дојде до таква реформа, според мене, СДСМ не може да воскресне!

При ваква фактичка состојба, Заев, Ивановски, Јовановски и Наумов се кандидатите за нов претседател, а Црвенковски преку своите делегати има сериозно влијание при изборот! И што ќе се случи? Најверојатно, СДСМ дополнително ќе се подели и ќе се раскара!

Затоа, кој и да победи, мора да си го провери својот избор пред членството. Новиот претседател треба да го врати победничкиот и натпреварувачкиот дух . Заради тоа, треба веднаш да предложи измени на Статутот, со кои би се промовирале непосредни внатрепартиски избори. Во најкус можен рок, треба да се распишат општи непосредни внатрепартиски избори. Време е СДСМ да се врати на членството!

Владо БУЧКОВСКИ колумна за Дневник

најчитано сега