И „планините“ меѓу Македонија и Грција ќе се најдат во извештајот на ЕК

 

Европската Комисија е при крај со подготовката на годинашниот прогрес-извештај за Република Македонија и останатите кандидати за членство во ЕУ.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, портпаролот на Филе, Петер Стано денеска во изјава за МИА потврдува дека во овој извештај за македонската држава ќе бидат содржани и како што оцени шефот на македонската дипломатија Никола поповски по средбата со неговиот грчки колега Евангелос Венизелос „планините“ меѓу Грција и Македонија во однос на спорот за името.

- Прогрес-извештајот е оценка за прогресот во сите области што се важни во пристапувањето на земјата кон Европската унија, за тоа како земјата-кандидат ги исполнува ЕУ-критериумите и како е подготвена за можно и потенцијално членство во Унијата. Во однос на БЈР Македонија, како и за сите земји од Западен Балкан, прогрес-извештајот вклучува и поглавје за добрососедски односи и регионална соработка и ние ќе ги оцениме и нотираме сите чекори преземени од Македонија во однос на подобрувањето на добрососедските односи. Исто така и за одржувањето, поддршката и подобрувањето на регионалната соработка и напорите преземени во однос на решавање на прашањето за името, што е дел од добрососедските односи, вели Стано во изјава за МИА.

Стано истакнува и дека Комисијата позитивно ќе ги нотира и последните чекори преземени од македонските власти во промоцијата на европските перспективи на Република Македонија: - Секој чекор, акција, движење во областите кои се важни за пристапот кон ЕУ ќе бидат забележани во прогрес-извештајот и како што рековме уште кога беше потпишан Меморандумот од страна на поголемиот дел од партиите во Македонија, ние ги поздравуваме сите преземени чекори што водат кон инклузивност на работата за ЕУ-агендата, потенцира портпаролот Стано.

Инаку, извештајот се очекува да биде готов на  16 октомври.

30.09.2013 - 15:51
Фото: 
Новатв.мк

најчитано сега