Беџети: Препораките на ОБСЕ/ОДИХР за Изборниот законик ќе бидат исполнети

 

Препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои се однесуваат на Изборниот законик ќе се исполнат, изјави денеска министерот за правда Блерим Беџети.

- Исполнети се дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои се однесуваат на локалните избори и сега продолжуваме со исполнување на препораките  во однос на претседателските и парламентарните избори, рече Беџети.

На имплементирањето на препораките работат две работни групи, едната во Министерството за правда, а другата во Државната изборна комисија, посочи Беџети.

- За прочистувањето на избирачкиот список работи Работната група во ДИК. Министерството за правда како ресорно министерство ја следи работата на оваа Работна група во која има претставници и од Управата за водење на матична евиденција која е во состав на Министерството за правда. Се работи интензивно, рече Беџети.

На прашање за екстардицијата на Миле Хаџиски и првообвинетите во случајот „Монструм“, министерот за правда одговори дека за сите екстрадиции се постапува согласно законските надлежности.

- Во постојана комуникација сме со надлежните институции за екстрадицијата на Хаџиски, како и за сите останати случаи за екстрадиција, согласно законите и договорите што ги имаме потпишано со другите држави, додаде Беџети.

30.09.2013 - 16:26
Фото: 
Влада

најчитано сега