Мисајловски: Правда во Македонија веќе не постои, законите и државните ресурси се злоупотребуваат за политичка пресметка
Право и правда во Македонија веќе не постојат. Институциите во целост се ставени во служба на власта. Се злоупотребуваат и законите и сите државни ресурси за политичка пресметка со сите кои мислат поинаку, обвинува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
– Зоран Заев и Стево Пендаровски се исплашени од граѓаните. Паниката е толкава што СДСМ, денес, на еден месец пред претседателските избори реши да го апси лидерот на една од поголемите опозициски партии. Денешното апсење на Стевче Јакимовски е политички прогон и обид за заплашување на опозицијата. Тие знаат дека ќе ги загубат претседателските избори и затоа монтираат судски процеси и апсат секој што може да им се спротивстави. Ваквото однесување на Зоран Заев има две цели. Да испрати порака дека тој може да направи што сака и дека сите треба да му се плашат без да помислат да се спротивстават и втората цел да се сврти вниманието од сите предавства, криминали и непотизам на власта кои секојдневно ги гледаме. Заев и Пендаровски се исплашени затоа што рејтингот кај граѓаните одамна им е паднат, а тоа впрочем го призна и самиот Зоран Заев. Секогаш кога СДСМ паѓа Русковска обвинителството и Кацарска судството отвораат нови монтирани процеси и шиканираат луѓе по судови. Ова е втор обид да го исплашат и скршат Стевче Јакимовски и ГРОМ кои продолжија да делуваат опозициски, истакна тој.
Мисајловски обвинува дека ова е нов неоснован обид да се загуши опозицијата.
– Единствена причина што после две години власта апси и прогонува е затоа што очајно губат, па мислат дека со злоупотреба на институциите и со малтретирање на оние кои мислат поинаку ќе се задржат нешто повеќе на своите функции. Апсењето на Јакимовски е монтиран прогон, исто како што е и случајот 27-ми април, каде десетици професионалци од безбедносните служби и граѓани патриоти се соочија со драконски казни за дело кое воопшто и не го сториле. ВМРО-ДПМНЕ ја уверува и власта и граѓаните, дека за сите овие монтирани судски процеси и прогон кој го врши врхушката на власта и нивните извршители низ институциите ќе одговараат кога ќе се врати правната држава и владеењето на правото во Република Македонија. Постапувањето на секој поединец ќе биде анализирано и процесуирано.Секој еден кој врши политички прогон и е маша во рацете на власта мора да знае дека одговорност ќе има. Ниту еден криминал нема да остане неказнет. Правдата ќе победи, порача Мисајловски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа