Нов случај на Западно-нилска треска во Македонија - заболено бебе
Министерството за здравство е информирано од страна на Институтот за јавно здравје дека е добиена лабораториска потврда за втор случај на западно-нилска треска во државата. Се работи за бебе (со неполна година), кое не патувало надвор од државата, а симптомите на болеста започнале пред неколку дена, по што било хоспитализирано на Клиника за детски болести со покачена температура, течна столица и секрет од нос. Во моментов, бебето е во добра општа состојба и пуштено е на домашно лекување(вчера попладне).
Ова е втор случај на западно-нилска треска во државата за 2013 година. Станува збор за заболување што се пренесува со каснување од заразен комарец со вирусот на западно-нилска треска. Кај најголем број заболени, болеста може да помине асимптоматски (без симптоми), додека кај помал дел од заболените се јавуваат симптоми како висока температура, треска, главоболка, мачнина, замор и сл, а само кај 1 процент може да се јават посериозни компликации (менингитис, енцефалитис, полиомиелитис-парализа). Најдобра превентива е самозаштитата (користење креми и средства против комарци), како и дезинсекцијата на јавни површини.
Комисијата за заразни болести при МЗ редовно ја следи состојбата со ова заболување во Македонија и ги презема потребни мерки за превенција, навремена дијагностика и лекување
01.10.2013 - 13:56