Ставревски: Изградбата на двата клучни автопати ќе ја подобри патната инфраструктура
Денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставревски, оцени дека со изградбата на двата клучни автопати, Скопје - Штип и Кичево - Охрид значително ќе се подобри патната инфраструктура во Македонија, а со тоа и конкурентноста на економијата.
Според Ставрески, во завршна фаза е одобрувањето на кредитите за изградба на автопатите.
- Од ЕКСИМ банката од Кина добивме потврда дека го поминале таму филтерот и оти исто така нивното Министерство за трговија, кое што е надлежно, ги одобрило проектите. Сега стручните екипи на Министерството за финансии и од ЕКСИМ банката го доусогласуваат финалниот текст на договорот, што значи дека многу бргу, во текот на овој месец, ќе бидат завршени и пуштени во владина процедура, по што следи собраниската процедура за донесување на законите за гаранција затоа што во случајот позајмувач ќе биде Јавното претпријатие за патишта, а Владата ќе ја издаде гаранцијата, рече Ставрески.
Аплицирањето на Владата за поволните кредити што ги одобрува кинеската Влада е направено врз основа на студии за тоа колку ќе чинат и за нивна изводливост.
- Нашите пресметки се дека ќе чинат толку колку што сега одобри кинеската Влада, односно ЕКСИМ банката. Предвидената вредност на проектите е целосно покриена, а доколку во текот на изградбата, како и за секој крупен проект, се случи на терен да има потреба од поголеми трошоци тогаш ќе разговараме за тоа како да се дополнат тие средства. Но, во оваа фаза проценката е направена врз основа на сериозни студии од стручни институции, појасни вицепремиерот Ставрески.