Костадинов: СДСМ до крај ќе се бори за да ги вратиме правото и правдата
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, изјави дека партијата никогаш нема да отстапи од начелото „Нема правда, нема мир“ и рече дека до крај ќе се борат да го вратат правото и правдата во Република Северна Македонија.
Тој ги повика правосудните органи да ги расчистат сите околностите околу актуелниот случај „Рекет“ и да дадат целосни одговори за сите актери кои учествувале во противправни дејствија, како и да даде одговори за поттикнувачите, организаторите и осмислувачите во овој случај.
Костадинов вели дека сè што се случува, вклучувајќи ја и денешната снимка, е дел од однапред подготвено сценарио.
„Сите мрачни сили се впрегнати во поништување на правната држава и загрозување на евро-атланските интеграции на Република Северна Македонија. Убедени сме дека на крајот вистината ќе излезе на виделина. Ќе пропаднат очајничките обиди на саботажа на истрагата или за нечиј спас од истата. Напротив, уверени сме дека овие подземни обиди само ќе ја забрзаат истрагата и ќе ја интезивираат и ќе ги извадат на површина сите актери и учесници во случајот ‘Рекет’“, истакна Костадинов.
Додаде дека Мицковски со недели се обидува да инкриминира функционери од СДСМ, па затоа го прашуваат дали погрешниот таргет на опозицијата е обид да ги прикрие сопствените траги.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа