Владата бара концесионер за туристичкиот комплекс „Македонско село“
Денеска владиниот потпарол Алекдандар Ѓеорѓиев на прес-конференција истакна дека Владата бара концесионер за туристичкиот комплекс "Македонско село".
Потпаролот на Владата изјави дека сите заинтересирани кандидати треба да понудат свој бизнис-концепт за функционирање на овој туристички комплекс чија изградба е во завршна фаза.
-Овој туристички концепт располага со 12 куќички кои симболизираат одреден регион во државата. Секоја куќичка имапо две нивоа, горниот дел е наменет за угостителство, а долниот дел ќе биде наменет за занаетчиство. Во рамките на туристичкиот комплекс има меана и останати придружни содржини , како рибарници и можност за одгледување на одреден добиток, изјави потпаролот Ѓорѓиев и додаде дека Владата наредната недела ќе направи презентација за можностите кои ги нуди овој туристички комплекс.
Ѓорѓиев истакна дека во текот на наредната недела во Министерството за економија ќе бидат разгледани понудите за физибилити студија, која се очекува да биде подготвена за 20 до 30 дена.
Се очекува овој туристички комплекс да биде готов и пуштен во употреба до јануари идната година.