НБРМ: Нема поевтини пари за банките
Основната каматна стапка на Народната банка (НБРМ) да се задржи на постојното ниво од 3,25 отсто, а на аукцијата да се понудат благајнички записи во висина од 25.500 милиони денари, односно на ниво на износот којшто достасува, беше одлучено на вчерашната седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.
На седницата беа разгледани најновите макроекономски и пазарни показатели, во контекст на нивните ефекти врз поставеноста на монетарната политика. Беше заклучено дека најновите движења не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика во однос на претходните оцени, дадени во септември.
- Годишниот раст на инфлацијата се уште забавува и во септември изнесуваше 1,6 отсто. Инфлациските остварувања се во рамките на проекциите целосно, а последните оцени и понатаму укажуваат на врамнотежени ризици околу проектираната просечна инфлација од 2,8 отсто за 2013 година, стои во денешното соопштение од НБРМ.
По високиот раст на БДП во вториот квартал од 3,9 отсто, од НБРМ очекуваат растот да се задржи, но да биде умерено понизок, во согласност со показателите за економската активност, како што се градежништвото и индустријата.
- Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Последните податоци за девизните резерви заклучно со септември покажуваат нивен постојан раст од почетокот на јули наваму, при што Народната банка во текот на овој период изврши нето-откуп на девизи, согласно со вообичаените сезонски движења. Показателите за адекватност на резервите и понатаму се во сигурната зона и укажуваат на ниво на девизни резерви што е доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови, потенцираат од НБРМ.
Според првичните податоци за кредитните текови, во септември има мал месечен раст на кредитната активност, при пад на кредитирањето на корпоративниот сектор и понатамошен раст на кредитната поддршка на секторот „население“.
Од НБРМ ризиците околу проекцијата на кредитите и понатаму ги оценуваат како претежно надолни и поврзани со натамошните согледувања на банките за присуство на ризици, како и со конзервативните стратегии применувани од големите банкарски групации во македонскиот банкарски систем.
- Сепак, се очекува дека претходно извршеното намалување на основната каматна стапка, како и останатите мерки преземени досега од страна на Народната банка ќе имаат стимулативни ефекти врз подготвеноста на банките за кредитирање во следниот период. Месечниот раст на депозитите во банкарскиот систем забрза во септември, но тој и понатаму се зголемува побавно од очекувањата, велат од Банката.
Во септември, ликвидноста на банкарскиот систем во Република Македонија се зголеми под влијание на автономните фактори, во најголем дел заради сезонскиот пад на готовите пари во оптек.
- Банките активно ги користеа монетарните инструменти за надминување на ликвидносните флуктуации, а на пазарот на депозити, меѓубанкарските трансакции беа со рочност до еден месец, посочуваат од НБРМ.
Најновите макроекономски показатели за евро-зоната, којашто во вториот квартал излезе од рецесија, според НБРМ, укажуваат на натамошно економско закрепнување.
- Имајќи ги предвид ризиците коишто влијаат врз динамиката и интензитетот на закрепнување на економијата (висока невработеност, намалено кредитирање, фискална консолидација), Европската централна банка продолжи да спроведува стимулативна монетарна политика. Во САД, и покрај очекувањата за отпочнување со постепено повлекување на креираната ликвидност, на состанокот на ФЕД беше одлучено да не се започне со намалување на месечниот откуп на државни и хипотекарни хартии од вредност. Исто така, економските агенти се соочуваат и со висока неизвесност во однос на постигнувањето политички компромис за фискалните прашања (буџетот за фискалната 2014 година и подигнување на горната граница на јавниот долг), велат од НБРМ.
И покрај релативно поволните движења гледано од монетарен аспект, според НБРМ, ризици сепак постојат.
- Ова во голема мера се однесува на надворешното окружување, коешто и понатаму создава ризици за надворешната позиција на македонската економија. Исто така, иако се оценува дека вкупната инфлација ќе остане во рамки на проекцијата и во прифатливи рамки, базичната инфлација и понатаму е релативно повисока, укажувајќи на присутни пренесени ефекти, нагласуваат од НБРМ.
Народната банка, додаваат, ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика