Трајанов предлага една изборна единица: Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ ќе не уназади
Демократскиот соjуз до Собранието на Република Северна Македонија достави Предлог-Закон за изменување на Изборниот законик,со кој се бара промени на изборниот модел, при што најбитна промена е Македонија да биде една изборна единица при избор на пратеници.
- Со промените ќе се демонтира "еднопартискиот систем",ќе се создадат услови за суштински и системски промени во начинот на владеење, ќе се зголеми одговорноста на извршната власт,посебно на премиерот и министрите, Парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните и ќе имаат можност на избор. Досега на секои парламентарни избори од 100 до 150 илјади гласови,согласно Донтовиот модел се прелеваа кај поголемите партии, се создаваа услови за авторитарно владеење и наместо владеење на правото имаме целосна партизација на државните институции,за се одлучуваат партиите на власт и целосна зависност на законодавната и судската власт од партиите. Освен околу бројот на изборните единици,измени се неопходни и во врска со финансирање на изборната кампања, финансирање на редовната активност на партиите, медиумското преставување, редоследот на партиите на гласачкото ливче итн, велат од Демократскиот Сојуз.
Велат со промените на Изборниот законик треба да се создадат еднакви шанси за сите политички партии, а како што рече Трајанов, СДСМ пред да дојде на власт ветила дека прва точка што ќе ја предложи во парламентот ќе биде промена на изборниот модел и една изборна единица. Тие декларативно се залагаат за тоа, додека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ според нив води кон назадување.
-ВМРО-ДПМНЕ се залага за мнозински систем, доколку се прифати тој модел ќе се врати насилството и калашниковите на улиците. Сведоци сме дека порано имавме крв по улиците, тој модел ќе не врати назад, рече Трајанов, пренесе Фокус.
За потсетување, група од 12 пратеници поднесоа иницијатива до Собранието за промена на изборниот модел.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа