Квалификации за ЕП 2020: Македонија ја победи Словенија со 2-1
Репрезентацијата на Македонија вечерва забележа важна победа над Словенија со 2:1 (0:0) во квалификациски меч за ЕП 2020 од групата „Г“, кој се одигра на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Двата гола за „жолто-црвените“ ги постигна новиот фудбалер на Наполи, Елиф Елмас, кој беше прецизен во 50-тата, по одличната асистенција на Горан Пандев и 68-та минута, откако по одлична контра на нашиот тим офанзивниот фудбалер излезе сам пред голманот на Словенија, Јан Облак и реализираше.
Почесниот гол за гостите го постигна играчот на Аталанта, Јосип Иличиќ во 95-тата минута.
По овој меч, нашата репрезентација е на третото место со 11 бода (3-2-2) по седум одиграни кола, на само два од второто место, на кое во моментов е Австрија и кое носи во баражот за пласман на Европското.
Во другите два меча од групата, Австрија ја совлада селекцијата на Израел со 3:1, додека лидерот на табелата Полска немаше проблеми на гостувањето кај Латвија и ја совлада со 0:3.
Токму со „дружина полска“ нашите фудбалери ќе го имаат клучниот меч на гостински терен, a дуелот се игра во недела, 13 октомври.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа