Мојановска: Студентите по македонски јазик за првпат ќе добиваат стипендии
Вангелина Мојановска, член на Комисијата за образование и наука на СДСМ, одржа прес-конференција на која особено се задржа на иницијатива на СДСМ за донесувањето на Предлог-закон за употребата на македонскиот јазик.
„Со предвидените промени, задолжително е ангажирање или вработување на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, како што се Владата, Собранието и министерствата, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта, медиумите и сите други чинители во општествениот живот во земјава, како во државниот така и во приватниот сектор“, нагласи Мојановска.
Претставничката на владејачката партија истакна дека за првпат се предвидуваат и стипендии за студентите по македонски јазик и литература на сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата.
„Во новиот закон, исто така се предвидува, македонскиот јазик да бидет предмет на изучување во културните центри во амбасадите на Република Северна Македонија во странство, што е резултат на желбите и предлозите на Македонците во дијаспората“, додаде таа и порача дека СДСМ како партија останува посветена да креира и имплементира мерки и политики кои го гарантираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа