Стопанската комора го поздрави повлекувањето на Законот за прекршоци
Стопанската комора на Македонија денеска го поздрави повлекувањето на Предлог законот за прекршоци од собраниска процедура, со кој се предвидуваа повисоки казни за компаниите.
Според Комората, новиот закон за прекршоци треба да се донесе, но несоодветно е уредена материјата во делот на прекршоците, особено во делот на процентуалните глоби од 1 до 10 проценти од вкупните приходи остварени претходната година. - Износите на казните треба да бидат фиксирани од минимален до максимален износ како што се предвидува во сите останати закони. Спорно е и тоа што во самиот предлог текст не беше прецизирано за кои видови на прекршоци ќе се определува процентуалниот износ на казна. Премногу е висока и мандатната казна која оди до 3.000 евра од причина што тоа се казни што се даваат на лице место, рече Снежана Камиловска од Стопанската комора на Македонија.
Од Комората сметаат дека материјата во делот на казните ќе биде ревидирана согласно нивните насоки.