Еве во чии раце отидоа наградите за најдобри бизнис-планови за 2013
Министерството за економија денеска ги прогласи најдобрите четири бизнис планови во рамки на проектот „Организирање натпревар за започнување бизнис“. Пред младите претприемачи се обрати министерот за економија Ваљон Сарачини кој нагласи дека може да имаат милион идеи, но сите се безвредни доколку не се преземе нешто за нивна реализација.
Првата награда и чек од 330.000 денари завршија во рацете на Дане Тодоровски за бизнис планот „МЕО - Мрежа за електронски отпад“. Втората награда и чек од 230.000 денари тоидоа во рацете на Аделина Селими за бизнис планот„ Warlander“, додека третата награда и 140.000 денари му припадна на Блерант Рамадани за бизнис планот „In Safe Eco Energy“.
- Признанијата и наградите кои ви се доделуваат се охрабрување за отпочнување со работа. Целта можеби е пред вас. Затоа никогаш не кревајте раце и продолжете упорно за да ја реализирате вашата цел, им рече Сарачини на наградените и посочи дека оваа награда во иднина ќе прерасне во традиционална.
Ректорот на Државниот универзитет во Тетово, проф. д-р Вулнет Амети ваквите проекти и нивното успешно завршување ги оцени како многу корисни.- Токму проетите како „Биди перспективен, започни свој бизнис“ претставуваат натпревар на знаењето и иновативноста на кадрите кои ги произведуваат нашите универзитети, рече Амети.
Исто така и проректорот за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. д-р Влатко Стоилков потенцира дека УКИМ е свесен оти само со нови бизнис идеи и иновации ќе има перспективна иднина.
- Со поддршка од бизнис заедницата и Владата, како и со учеаство на своите главни субјекти, студентите и кадарот Универзитетот ќе можеме да го ставиме во функција на стопанството и развојот на нашата држава... УКИМ денес има нова мисија - интензивен транспорт на знаењата на Универзитетот во општеството, поддржување на бизнис идеи и поттикнување на претприемничкиот дух кај студентите, рече Стоилков.