Нова инвестиција во Македонија - хрватски „Кумал" отвара погон во Штип
Уште една компанија се одлучи да инвестира во Македонија. Оовјпат станува збор за хрватската компанија Кумал која ќе гради погон за производство на термоизолациски материјали во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип.
Директорката на компанијата Александра Лалиќ по денешната средба во Владата со премиерот Никола Груевски изјави дека главна причина поради која одлучила да инвестира во Македонија се поволната местоположба на државата и оптималните услови за инвестирање.
- За донесување на една ваква одлука пресудни беа повеќе фактори како што се близината со Бугарија, Косово и Србија кои за нас се интересни за извоз, како и добрите услови што ни беа понудени како работната сила и даноците кои се регулирани на начин што на нас ни одговара. Затоа се одлучивме за оваа инвестиција која е во висина од седум милиони евра, изјави Лалиќ и се заблагодари на македонската Влада.
Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони Виктор Мизо вели дека е многу значаен фактот што само два месеца по отварањето на ТИРЗ во Штип, веќе има заинтересирана компанија.
- Она што е важно е дека само два месеца по отворањето на зоната во Штип имаме нова компанија која ќе ја реализира својата инвестиција. Погонот ќе се протега на површина од 25 илјади квадратни метри. Со завршување на проектот се очекува во првата половина на мај да се започне со градба и шест месеци оттогаш, односно ова време идната година производствениот капацитет да биде завршен, истакна Мизо.
Инаку, се работи за инвестиција вредна седум милиони евра која се очекува да донесе 50 директни и 100-тина индиректни вработувања.