Премиерот Груевски ја поздрави одлуката на „Кумал“ за инвестирање во Штип
Премиерот Груевски денеска се сретна со директорката на хрватската компанија "Кумал" која се одлучи да отвори погон во Штип, и ја поздрави оваа одлука за инвестирање во Македонија.
На средбата со директорката Александра Лелиќ и извршниот директор на „Кумал“ Славен Куфнер, премиерот бил информиран за нивната одлука да инвестираат во Македонија, пред се поради местоположба на државата и оптималните услови за инвестирање кои ги нуди земјава. Според „Кумел“, поволностите што ги овозможува Македонија за странските инвеститори, како што се ниските трошоци и даноци, и соодветната и квалитетна работна сила, придонеле за нивната одлука за лоцирање на дел од нивниот бизнис во земјава.
Груевски на средбата истакнал дека оваа нова инвестиција значи отворање нови работни места што е стратешка определба на Владата и можност за бизнис на повеќе локални економски субјекти кои во иднина ќе соработуваат со компанијата.
Инаку, се работи за инвестиција вредна седум милиони евра која се очекува да донесе 50 директни и 100-тина индиректни вработувања.Компанијата ќе гради погон за производство на термоизолациски материјали во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип.