Повеќе од половина од бодовите на Џенова се дело на Пандев
Иако веќе пред пензија, капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев е најдобриот фудбалер на Џенова и веројатно клучен човек во трката на најстариот италијански калчолигаш да обезбеди опстанок во Серија А, а статистиката сето тоа го потврдува.
Пандев вчера со гол од првиот допир на топката по четири минути игра против Калјари даде гол за голема победа на Џенова, со која овој калчолигаш остана во тесната трка за опстанокот. За Пандев тоа беше шести гол сезонава, а италијанските медиуми пресметаа дека од 19-те бода што досега ги има овој калчолигашки клуб дури десет се благодарение на Пандев и неговите голови. Или повеќе од половина.
Капитенот на македонската селекција вчера го одигра 120-от меч за Џенова.
-Јас не дадов многу голови во кариерата, но среќен сум што мојот тим освојува бодови кога погодувам. За секој напаѓач најважни се головите, но над сè е тимот. Во изминатиов мецес направивме добри работи, вели Пандев.
Најдобрата голгетерска сезона на струмичанецот кој веќе две децении е во Италија е сезоната 2007/08 во дресот на Лацио, кога даде 14 гола, а моментно голгетерски ова му е најдобрата сезона откако е во Џенова и како тргнал може да стигне до двоцифрен број на голови. А, навивачите се надеваат дека до крајот на сезоната секој негов гол ќе донесе бодови, а клубот на крајот ќе остане дел од елитното Калчо.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа