Цариниците со полни раце работа - еве што запленија

 

Цариниците од 14 до 17 месецов во неколку наврати откриле и заплениле фалсификувана и непријавена стока. Привремено се задржани 1514 парчиња облека, 397 парчиња авто делови, 460 озонери, 35 пара чевли, 1000 навлаки за перници, 1378 пвц кеси  и коцки за складирање облека, 100 пвц патосници, 25 електрични ќебиња, 107 сијалици и 1920 парчиња восок за депилација.

Во близина на наплатната рампа Петровец пред четири дена во комбе со тетовски регистарски ознаки управувано од македонски државјанин биле пронајдени 254 пара фармерки и 121 парчиња  блузи со лого на заштитени трговски марки кои тој не ги пријавил. Следниот ден во раните утрински часови во товарно моторно возило со турски регистарски ознаки, пријавено за транзит низ Република Македонија, откриени се 800 пара чорапи со потекло од Турција, наменети за фирма увозник од Црна Гора, со лого на заштитена трговска марка за кои цариниците се сомневаат дека е фалсификат.

На царински терминал  Гевгелија на 14. месецов,  при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблици, откриен е уште еден обид за увоз на стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост. Во возилото пронајдени се 105 парчиња и 70 сета авто делови (амортизери за петта врата, рачки за менувач и патосници) сите со лого на заштитени трговски марки, со  потекло од Турција, Кина и Италија, наменети за фирма увозник од Скопје. Доколку се работи за оригинали вредноста би изнесувала 460 илјади денари. Во возилото пронајдена е и непријавена стока со вкупна вредност од 130 илјади денари и тоа 460 парчиња освежувачи на воздух од по 500 милилитри и 82 парчиња авто делови (филтри за воздух).

Исто така и на Царинска испостава Скопје 2 во товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки пронајдени се 239 парчиња горни тренерки, 100 пара комплет тренерки, 107 парчиња сијалици и 35 пара кондури со лого на заштитена трговска марка со вкупна вредност по приложена фактура за увоз на стоката од 20.780,00 денари, додека во товарно моторно возило со македонски регистарски ознаки, покрај пријавената стока  во товарниот дел на возилото пронајдена  е и непријавена стока и тоа 1.000 парчиња навлаки за перници, 1.378 парчиња пвц кеси и коцки за складирање на облека, 100 парчиња пвц патосници и 25 парчиња електрични ќебиња со вкупна вредност од 109.316,00 денари.

Откриени се и две царински  измами при контрола на две трговски друштва иматели на одобрение за увоз за облагородување од регионот на Царинарница Гевгелија. Во првиот случај за време на контрола во магацинот за репроматеријал на трговско друштво имател на одобрение за увоз  за облагородување, со седиште во Гевгелија, пронајден и привремено задржан е  вишок од 1325 м2 памучна ткаенина-деним. За стоката имателот не поседувал доказ дека се платени царинските давачки. Вредноста на стоката е 216.756,00 денари, а избегнати царински давачки се 64.592,00 денари.

При контрола на второто трговско друштво со седиште во Валандово, констатирано е дека имателот на одобрението не ги исполнува своите обврски согласно правилата за уредно и навремено водење на евиденција за секоја царинска декларација со која е започната царинска постапка за увоз за облагородување поради што неможе да се изврши идентификација на дел од стоката. Со тоа сторена е повреда на царинските прописи, па согласно Царинскиот закон на носителот на одобрение  му е изречена мандатна казна во износ од 250 евра во денарска противвредност за правното лице и 50 евра во денарска противвредност за одговорното лице во претпријатието.

 

18.10.2013 - 13:26
Фото: 
Канал5

најчитано сега