Позитивна оценка од ЕК за македонското земјоделство

 

Во Извештајот кој Европската Комисија го објави за напредокот на Македонија на 16 месецов, се нотира напредок и во секторот земјоделство, безбедноста на храната и рибарството.

Како што изјави за МИА ресорниот министер Љупчо Димовски, Комисијата го евидентира зголемувањето на поддршката за рурален развој, спроведувањето на ИПАРД програмата, донесувањето на Националната стратегија за органско производство, реализирањето на програмите за здравствена заштита на животните,...

- Комисијата како напреднати ги оцени подготовките кои се однесуваат на поставување Интегриран систем за администрација и контрола на политиките на поддршка, акцентирајќи го особено зголемениот опфат на регистрираните земјишни парцели во Системот за идентификација, како и подобрувањето на меѓусебното поврзување на системите и базите на податоците, вели Димовски.

Исто така, ЕК го нотира донесувањето на Националната програма за поддршка на земјоделството 2013–2017, на Националната стратегија за органско производство и на Акцискиот план за 2013-2020. 

- Добар напредок Комисијата евидентира во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика, особено во врска со напорите за имплементирање на овие политики од страна на Агенцијата за ветеринарство и храна и воведувањето на системот базиран на проценка на ризици при официјалните контроли. Тука се потенцира донесувањето на новата Стратегија за безбедност на храна за период 2013-2015 година и интерните планови од овие области, истакнува министерот.

Прогрес има, стои во Извештајот, и во донесувањето на законодавството за ставањето на храната во промет и проверката на нејзината безбедност, како и во делот на рибарството. Се потенцира зголемувањето на државната помош за рибарството за 20 проценти на вкупно 1.460.000 евра и редовното ажурирање на податоците за производството и трговијата со свежа риба и рибни репроматеријали.

- Владата е активно посветена на воспоставување формални меѓународни договори за одржливо управување со водните ресуси со соседните земји иако поради нивната инертност договорите се уште не се потпишани, нагласува министерот Димовски за МИА.

20.10.2013 - 10:25

најчитано сега