Битиќи: Владините мерки обезбедуваат поддршка од 200 милиони евра

Соочени со коронакризата која со себе донесе сериозни предизвици, пред се здравствени, но и економски последици, за кои свесни сме дека ќе остават значителни штети во економијата Владата подготви пакет економски мерки со цел ублажување на последиците, истакна претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната прес-конференција.

Според него, власта водела сметка за сите аспекти и сите погодени од корона-кризата.

-Правејќи ги анализите,  дојдовме до бројки на загрозени работни места и загрозени компании кои и не се така мал број. Поточно, тој опфаќа помош за најмалку 250.000 работници и околу 35.000 компании, што е скоро 50% на регистрирани правни субјекти во приватниот сектор. Пакетот економски мерки вреден 200 милиони евра, овозможува директна помош за сите кои се погодени од кризата - за работниците, за стопанството, за микро, малите и средните претпријатија, за дуќаните, занаетчиите, за спортистите и уметниците и за сите граѓани кои се дел од неформалната економија. Водејќи сметка дека секој работник е важен и зачувувањето на  секое работно место е од егзистенцијално значење, се обезбеди помош од 14.500 денари приход за сите што ќе бидат погодени од кризата, но и по принципот на солидарност намалување на платите на ниво на исто така 14.500 денари, на сите фунционери од јавните  државни институции, рече Битиќи.

Според него, политиките и мерките на СДСМ за изминатите две и пол години многупати се докажале како реални и исправни, затоа што за нас сите граѓани се важни.

-И додека повторно и во најголемата глобална криза од која не е поштедена и нашата држава, СДСМ предлага сет мерки кои опфаќаат поголем број на граѓани погодени од кризата, ВМРО-ДПМНЕ излезе со сет мерки кои се селективни и носат помалку пари во стопанството. Анализите покажуваат дека мерките што ги предлага ВМРО ДПМНЕ, освен што се несериозни и неодговорни, се мерки за поддршка на тие кои што се во категоријата на повисоко платени работни места и можеби под претпоставка дека нивната куповна моќ е поголема, рече Битиќи.

Посочи неколку, како што рече, клучни работи.

- Бројот на работни места кој што е таргетиран од наша страна 250.000 вработени (ова се сите вработени кои добиват плата до 20000 нето плата) – ние би го поддржиле со 60.000.000 евра месечно, а додека со моделите на ВМРО-ДПМНЕ таа поддршка е значително пониска. Моделот со 20% подршка, износот на поддршка е само 20.775.189 Евра за компании кои што имаат намалени приходи од 20-30%. Моделот од 30% поддршка, износот на поддршка е само 31.162.784 Евра за компании кои што имаат намалени приходи од 30-40%. Моделот од 40% поддршка, износот на поддршка е само 41.550.378 Евра за компании кои што имаат намалени приходи од 40-50%. Моделот со 50% поддршка, износот на поддршка е само 51.937.973 Евра. Тоа значи значително помалку средства вбризгани директно во стопанството, и секако помалку пари кај граќаните и намалување на потрошувачка, рече тој.

Битиќи вели дека јасна е разликата помеѓу преземените мерки на Владата коишто, како што рече, обезбедуваат месечна поддршка од 60 милиони евра и предлозите на ВМРО ДПМНЕ, за кои рече дека се со со срамна поддршка за скоро 50% помалку од тоа што ние го обезбедуваме.  

-Моделот предложен од страна на ВМРО ДПМНЕ и категоризацијата на бизнисите според нивото на претрпени штети и добивање на подршка, очигледно е дека ги става во поповолна состојба сите подобро платени работни места, наспроти пониско платените работни места. Тоа почитувани граѓани значи помал опфат и помалку задржани работни места . Затоа што со помала поддршка, компаниите се склони полесно да се откажат од работниците. Додека Владата спроведува сериозни мерки и чекори за справување со последиците од економската криза, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски научени на земање, сакаат да им ги земат парите на граѓаните од вториот пензиски столб, рече Битиќи.

Вели дека сега е време кога солидарноста треба да ја покажеме на дело.

-И токму поради принципот на солидарност, даваме таму каде што нема, на работниците, стопанството, самостојни вработени, спортисти, уметници, а кратиме таму каде што можеме, непродуктивни трошења и намалување на платите односно солидаризирање. Силно веруваме дека само заедно, сплотени и по принципот на солидарност ќе успееме да се избориме со сите предизвици кои се поставија пред нас. Никој не е сам и никој нема да биде заборавен. Државата е тука за сите граѓани и прави се полесно да ја пребродиме кризата, рече Битиќи.

 

 

Битиќи: Владините мерки обезбедуваат поддршка од 200 милиони евра

Posted by Press Vesti on Sunday, 5 April 2020

05.04.2020 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега