Николоски: Ова што сега СДСМ го претставуваат како хуманитарна помош им било планирано за корумпирање на гласачи

Помош се дели во Куманово каде е носител на листа во изборната единица, Оливер Спасовски. Помош се дели во Крива Паланка каде носител на листа за пратеници е Љупчо Николовски, помош се дели во Струмица каде носител на листа е Зоран Заев. Тоа се втора, трета и четврта изборна единица, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на гостувањето на телевизија Алфа во емисијата „Заспиј ако можеш“.

-Оваа таканаречена помош била наменета за корумпирање на гласачи, било планирано да се случи во овој период зошто да не заборавиме дека, еве денес сме вторник, во недела требаше да има избори. И точно ја темпирале на недела до десет дена пред избори да ја поделат таа тн. помош со цел да можат да ги корумпираат луѓето на кои им ја доделуваат таа помош, а дека таква пракса имаа видовме и во определени објави на италијанскиот весник „Ла верита“ каде извади докази од Јавното обвинителство за поткуп на гласачи на изминати изборни циклуси, а тоа е и јавна тајна и во Куманово и во Струмица. Прошетајте по тие два града, ама сега имаме забрани за комуникација, но знаат луѓето може на социјални мрежи да кажат како се вршело поткуп во изминати циклуси и во едното и во другото место. Така што ќе бидам директен, ова што сега го претставуваат како хуманитарна помош им било планирано за корумпирање  на гласачи, им била робата веќе нарачана, им била договорена со оние кои требало да им ја достават и само ја поделиле, рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара и докази, доколку сакаат да го демантираат.

-За да ме демантираат, нека извадат на кој ден ја имаат платено и нека извадат спецификација колку е платено, не да извадат дека поделиле десет шишиња масло, зошто гледаме дека се десетици илјади шишиња  масло и датумот да биде постар од денес за да не фалсификуваат денес кога јас ова го кажувам, истакна тој.

Тој претпоставува дека ќе има поткуп и во време на избори.

-Тие сега ова го претставуваат како донација заради тоа што формално избори нема да има, тие се доложени. Но, во тек на избори тоа е веќе сериозно кривично дело  и треба да се свесни дека ќе одговараат. Ако сега може да оди како донација, но под услов ако го платите за што се сомневам. Точно се знае во кои средини и на кои ранливи групи се дава помош. Очекувам ова  да се повтори за избори, но треба да бидат свесни дека пардон нема да има и за тоа ќе има сериозни казни, истакна тој.

За тоа од каде им се производите, Николоски рече: „Производите се од онаму каде што успеале да изрекетираат. Тие фирми што ги рекетираат, од таму им се производите“.

Сепак Николоски посочи дека сака да верува дека е донација, но побара од СДСМ тоа да го докажат.

-Прво треба да кажат од каде го набавиле. Второ, да покажат дека навистина го платиле. Трето, ако навистина го платиле од каде им се парите зошто се работи за големи количини. Четврто, како успеале да ја направат селекцијата кој да добие помош. СДСМ должи одговор, заклучи Николоски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.04.2020 - 23:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега