Угриноски: Порта Вевчани е длабоко на територијата на општината

Портата Вевчани е длабоко на територијата на Општина Вевчани, тврди градоначалникот Цветомир Угриноски.

Според него, изјавите на струшкиот градоначалник Зијадин Села дека ќе ја урне Портата Вевчани што беше изградена во мај годинава доколку е подигната на територијата на општина Струга се избрзани или пак, како што додаде, се дадени во политичка конотација.

- Не знам кому му смета Портата Вевчани. Мислам дека на господинот Села му се избрзани изјавите или пак се политички дадени. Портата е изградена веднаш до магистралниот пат Струга - Дебар, длабоко на територијата на Општина Вевчани. Таа е туристички патоказ. Многупати досега туристите не одминувале, но сега веќе е обележано каде се наоѓа Вевчани, изјави Угриноски. 

Градоначалникот на Струга Зијадин Села вели дека тој само побарал информација во Министерството за локална самоуправа за границите на Општина Струга со останатите општини. Како што вели, додека не ја добие официјалната информација дали Порта Вевчани е на струшка или вевчанска територија нема да преземе никакви активности.

- Ако таа Порта е во границите на Општина Струга јас морам да ги спроведам законите и да преземам мерки. Не сакам да зборувам пред да ја добијам информацијата дали е изградена на територијата на Општина Струга или не е. Никој нема право да им стави граница на жителите на Струга без разлика дали се Македонци, Албанци или Турци.  Откако ќе ги добијам информациите и ако тие говорат дека Портата е изградена на територијата на Општина Струга, таа ќе се смета за нелегално изграден објект, и ќе се постапува согласно законот, дециден е Села.

 

21.10.2013 - 15:52
Фото: 
скај

најчитано сега