Иванов: Соработката меѓу Македонија и Кина е на највисоко ниво

Претседателот Ѓорѓе Иванов кој е во неколкудневна посета на Пекинг по повод 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји, истакна дека соработката меѓу Македонија и Кина е на највисоко ниво на развој и на економски и на политички план.

– Мирот и мирољубивата политика се идеја-водилка на двете држави. Секоја на свој начин, Република Македонија и Народна Република Кина придонесуваат кон градењето и одржувањето на светскиот мир, рече синоќа претседателот Иванов, пренесе МИА.

Осврнувајќи се на соработката на економски план, шефот на македонската држава рече дека Република Македонија ја препозна и ја прифати понудената поддршка од кинеската Влада за развивање на својата инфраструктура.

- Можностите за економска соработка меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се неисцрпни. Имаме добри искуства на полето на енергетиката што треба да се прошири и продлабочи и на другите полиња, како што се земјоделството и кинеските директни инвестиции, рече Иванов.

Според Иванов особено е значајна и културната соработка меѓу двете земји: - Неодамна имав задоволство да го отворам Институтот „Конфуциј“ на државниот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Институт што дополнително ќе ги приближи пријателските народи, рече Иванов.

На крајот од обраќањето претседателот Ѓорге Иванов посака следниот јубилеј да го дочекаме со уште поголема соработка и заеднички просперитет, како што рече, за сите нас.

 

22.10.2013 - 09:15

најчитано сега