Кинеска медицина за македонски лекари - еве што договори Тодоров во Пекинг

Министерот за здравство Никола Тодоров кој заедно со претседателот Ѓорге Иванов е во посета на Пекинг, оствари средба со министерот за традиционална кинеска медицина.

На средбата била договорена помош од КИна во правењето на наставните програми на Универзитетот во Штип каде треба да се воведе традиционална кинеска медицина како студиска програма, а потоа наши доктори да се едуцираат во Кина за оваа медицина и нејзините методи.

- Се договоривме и доктори од Кина да доаѓаат да вршат обуки и да подучуваат во Македонија, односно на штипскиот Универзитет, како и наши студенти да имаат можност да дојдат на некои од 20-те универзитети за традиционална кинеска медицина и тие практично да бидат идната основа на развој на традиционалната кинеска медицина во Македонија, изјави министерот Тодоров.

Со неговиот кинески колега се договориле во Кина да дојде посебна група од Бирото за лекови да разговараат за хербалните лекови, како и за можноста тие да влезат во Македонија, бидејќи, како што рече Тодоров, нашиот закон тоа го дозволува.

Министерот Тодоров присуствуваше и на средбата на претседателите на Кина и Македонија, Си Џинпинг и Ѓорге Иванов, на која, меѓу другото, стана збор и за пројавените иницијативи од наша страна за примена на кинеската традиционална медицина во нашиот здравствен систем. На средбата беше констатирано дека тоа е една општа атмосфера, дека се повеќе постои интерес за проучување и оспособување на луѓе кои ја применуваат традиционалната медицина.

 

22.10.2013 - 10:47

најчитано сега