ММФ препорачува побрз и одржлив економски развој
Шефот на Регионалниот оддел за брзорастечки европски земји во Дирекцијата за Европа при ММФ, Бас Бекер, денеска изјави дека на Македонија и е потребен побрз и одржлив економски раст.
- Потребен ви е многу побрз раст, но потребно е тој да биде одржлив и да има прилив на капитал, рече Бакер на прес-конференција. Тој исто така посочи и дека фиксниот девизен курс е корисен за Македонија и тоа треба да продолжи и во иднина.
Според Бакер, растот на економијата во сите земји во регионот следната година ќе биде поголем.
- Се надевам дека во иднината растот ќе биде поголем бидејќи со низок раст многу тешко дека ќе се намали невработеноста и ќе се надмине прашањето со нефункционалните заеми, истакна Бакер.
Тој смета дека портребно е да се надминат последиците од кризата, да се подобри деловното окружување, економиите да станат поотворени и да се подобри нефункционалноста на пазарот на труд, бидејќи само така ќе се дојде до економски раст.
Наредната недела во Македонија ќе пристигне Мисија на Меѓународниот монетарен фонд која ќе ги разгледа тековните состојби во земјава.