Македонија по четврти пат меѓу 10-те економии со најголеми подобрувања во водење бизнис
Според најновиот извештај на Светската банка и ИФЦ, Македонија по четврти пат е меѓу десетте врвни економии во светот.
Според извештајот, Република Македонија го олеснила добивањето електрична енергија преку намалување на времето потребно за добивање нов приклучок и преку утврдување фиксен надомест за приклучување по киловат за приклучоци што бараат моќност до 400 kW, а воедно го зајакна својот систем за обезбедени трансакции преку обезбедување поголема флексибилност на описот на средствата во договор за гаранција и на видовите долгови и обврски што можат да се обезбедат.
Освен тоа што Македонија повторно е меѓу десетте врвни економии во светот, исто така, според извештајот Дуинг бизнис, земјава е една и од петте економии што најмногу го затворија јазот со светските добри практики од 2005 година. Во областите на почнување бизнис и добивање кредит, таа се рангира помеѓу десетте најдобри економии во светот.
- Уште еднаш, Република Македонија се докажа дека е лидер во регионот и пошироко во подобрувањето на деловното опкружување, мерено за извештајот Дуинг Бизнис, вели Татијана Проскурјакова, директор на канцеларијата на Светска банка во Скопје.
Тие достигнувања, посочува, можат да ги надополнат напорите на Владата и приватниот сектор во ублажување на последиците од криза во еврозоната и решавање на ниските стапки на вработеност. Истовремено, остануваат уште предизвици. Владата на Република Македонија и Светска банка работат заедно во понатамошно подобрување на инфраструктурата, вештините на работниците и севкупната конкурентност на земјата, наведува Проскурјакова.
Македонија е најдобра во ЈИЕ, и прва во регионот пред Хрватска и Словенија.
Инаку, Сингапур е на првото место во светското рангирање на леснотијата за водење бизнис, а на листата меѓу првите десет земји се најдоа и Хонгконг, ЈАР, Кина, Нов Зеланд, САД, Данска, Малезија, Република Кореа, Грузија, Норвешка и Обединетото Кралство.