Закрепнува македонската индустрија - во септември раст од 5,1%

 

Македонската индустрија закрепнува од кризата. По минималниот пад на производството во август од 1,2 отсто, во септември годинава индексот на индустриското производство порасна за 5,1 проценти во споредба со истиот месец лани, објави вчера Државниот завод за статистика.

Вкупниот пораст од почетокот на годинава до септември изнесува 2,2 отсто во споредба со истиот период лани. За познавачите ова се оптимистички движења во македонската индустрија, која цела мината година не успеа да се справи со надворешните шокови од европската криза. Оптимизам за севкупната економија влеваат и најавите на Народната банка на Македонија дека очекува домашната економија и во третиот квартал од годинава да бележи позитивен раст на бруто-домашниот производ како и во претходните две тримесечја.

Гледано по сектори, индустриското производство во септември годинава во споредба со истиот месец лани бележи раст од 4,2 отсто во секторот преработувачка индустрија и од 32,6 отсто во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација. Загрижува податокот дека во септември годинава во споредба со септември лани е забележан пад од 8,9 отсто во секторот рударство и вадење камен.

Според главните индустриски групи, производството во септември годинава, во споредба со септември лани, бележи пораст од 12,4 отсто кај енергија, од 12,3 отсто кај трајни производи за широка потрошувачка и од 15,4 отсто кај нетрајни производи за широка потрошувачка. Статистика регистрира пад во групите интермедијарни производи, освен енергија, за 5,9 отсто, и капитални производи, за 8 отсто.

 

 

30.10.2013 - 09:23

најчитано сега