Пицула: Вашингтон треба повеќе да се ангажира за грчко-македонскиот спор за името

Хрватскиот европратеник Тонино Пицула вели дека не е сигурен дека и покрај петтата по ред препорака Македонија во декември ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, и смета дека Вашингтон треба повеќе да се заангажира околу македонско-грчкиот спор со името.

- Ова не е прв извештај за напредокот на Македонија во кој се наведува дека земјата е подготвена да започне со преговори. Практично, сите извештаи од 2009 година наваму многу јасно зборуваа дека постојат подрачја за кои се очекува напредок, но општо земено Македонија е подготвена  да започне со пеговори за полноправно членство во ЕУ, оценува европратеникот за МИА.

Пицула вели дека со оглед на ситуацијата не е лесно да се биде оптимист за перспективата на Македонија: - Дали сега Европскиот совет ќе го направи она што требаше да го направи пред многу години, навистина не сум сигурен. Имаме впечаток дека земјата се наоѓа меѓу амбициите на Европската комисија која сака нов замав за Западен Балкан. Европската комисија веруваше и се уште верува дека и Македонија ќе се приклучи наскоро во клубот на преговарачите. Сепак во моментов навистина е тешко да се зборува за тоа, доволно е да се посетиме колку изборите во Греманија ги блокираа, па дури и ги запреа некои од процесите внатре во ЕУ, нагласува Пицула.

Исто така, поранешниот хрватски министер за надворешни работи додава дека сепак извештајот на Комисијата повторно ја подвлекува сериозноста на Македонија како кандидат за членство во ЕУ. 

- Европската унија преку нејзиниот Европски совет на политичко ниво, во рамките на земјите членки навистина треба да изврши сериозен притисок за да се увери, пред се земјата која сега ја блокира Македонија, дека блокирањето долгорочно не дава резултати. Тоа треба да го направи во моментот кога токму Грција се подготвува да го преземе претседавњето со Европската унија, заклучува хрватскиот европратеник.

Според Пицула недостасува една посилна американска интервенција.

- Недостасува интервенција на САД која на некој начин им помогна и на Брисел и на Загреб и Љубљана да осмислат еден концепт, кој на ниту една страна не и беше посебно пријатен. Но тој доведе до потребниот компромис. Дали во овој случај една интервенција на Вашингтон, кој ја призна Македонија под уставното име, ќе доведе на извесен начин и Грција да се однесува кон својот сосед како Словенија кон Хрватска, односно да се отвори еден процес за компромис останува да се види. Во моментов можам само да посакам Вашингтон да одвои малку повеќе дипломатско внимание и да направи напор во годината на грчкото претседавање да се излезе од оваа пат ситуација, нагласува Тонино Пицула во изјава за дописникот на МИА од Франција.

01.11.2013 - 14:27
Фото: 
Сител

најчитано сега