Автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид ќе привлечат нови инвестиции во Македонија

 

Изградбата на автопатските делници од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид ќе придонесе за развој на економијата и туризмот во источниот и западниот дел на државата и нивно доближување до главниот град, беше истакнато денеска на  трибина на ВМРО-ДПМНЕ посветена на значењето на овие два нови автопатишта кои ќе се градат во следните години.

Инвестицијата на автопатот од Кичево до Охрид изнесува 376 милиони евра, а од Скопје до Штип 206 милиони евра. Од Министерството за транспорт и врски очекуваат во текот на овој месец да бидат склучени договорите, а реализацијата да започне од почетокот на следната година.

- Одредба која е многу значајна за нас е тоа што во договорот стои дека минимум 49 проценти од извршените работи мора да бидат од страна на домашни компании и минимум 51 процент од лицата кои ќе бидат ангажирани да бидат македонски државјани, истакна Јанакиески пред присутните на трибината.

За штипскиот градоначалник Илчо Захариев, изградбата на делницата од Скопје до Штип ќе значи препород за Источна Македонија затоа што од Штип до Скопје ќе се патува за половина час: - - По 69 години конечно Источна Македонија дочека да го добие првиот автопат. Со оваа делница ќе го доближиме Скопје до Источна Македонија и ќе ја подобриме безбедноста во сообраќајот бидејќи делницата Штип - Велес е црна точка на македонските патишта. Ќе имаме заштеди во време и финансиски средства, а важно е и тоа што индистриските зони ќе станат попривлечни за странските инвеститори бидејќи патната инфраструктура е пресудна за нив, нагласи Захариев.

Од своја страна и претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Сеад Кочан смета дека изградбата на овие делници ќе значи продолжување на експанзијата на градежништвото во Македонија.

- Градежниот сектор ќе продолжи да биде двигател на македонската економија. Само во последната година имаме 10 илјади нови вработувања. Со овие проекти очекуваме уште неколкукратно зголемување на бројот на вработувања. Покрај градежниот сектор ќе се активираат и други сектори така што на среден рок ќе се зголеми потрошувачката моќ на граѓаните, а на долг рок ќе имаме поврзување на источниот и западниот дел на државата со главниот град со што ќе се очекува поефикасно снабдување на пазарите, истакна Кочан.

03.11.2013 - 12:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега