За шест месеци 150 јавувања за несоодветен производ со декларацијата
Организацијата на потрошувачи на Македонија во првите шест месеци од годинава имала над 150 јавувања поврзани со декларацијата на производот. Ова беше истакнато на денешната промотивна кампања „Ние потрошувачите имаме право да знаеме“.
Претседателката на Организацијата на потрошувачите Марија Велкова-Лончар рече дека по секоја организирана кампања имаат поголем број јавувања од потрошувачите кои бараат совети како да постапат во одредени случаи кога се незадоволни или имаат потреба да реагираат за производите и услугите, додека министерот Сарачини информира дека надзорен орган каде потрошувачите можат да побараат заштита на своите права е Државниот пазарен инспекторат.
- Сакам да ставам акцент посебно на транспарентното и јасно претставување на правата на потрошувачите кои произлегуваат од Законот за заштита на потрошувачи, а имаат за цел да го заштитат потрошувачот од нефер односи и непрофесионално работење на некои субјекти, од една страна, и да овозможат елиминирање на нелојалната конкуренција меѓу трговците, професионално извршување на дејноста и фер односи на пазарот од друга, рече Сарачини.
Кампањата беше организирана од Министерството за економија, Организацијата на потрошувачите во соработка со Сити Мол.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа