Што најмногу се „пиратизираше“ во 2020 година?

 

Во текот на 2020 година, речиси и да немаше индустрија која не доживеа големи промени поради пандемијата на коронавирусот. Аналитичката компанија „MUSO“ потврдува дека дошло до промена во навиките и кај оние кои нелегално набавуваат забавни и други содржини по пат на Интернет.

Така, минатата година е забележана промена во трендовите на онлајн пиратеријата, која се припишува токму на пандемијата. Додека луѓето беа затворени во своите домови, растела побарувачката за дигитална содржина, особено стриминг, а истото се рефлектирало и во побарувачката за пиратска содржина.

Забележан е пораст на нелегалниот стриминг на телевизиски програми и филмови, но, интересно, во втората половина на годината е забележан пораст на преземање на дигитални книги од дури 13 отсто.

Вкупно, веб-страниците кои нудат пиратска содржина, во минатата година биле посетени 130 милијарди пати, што значи дека секој корисник на интернет во просек посетил една од тие страници 39 пати. Од тоа, над половина од посетите (65,5 милијарди) имале за цел гледање на пиратска ТВ содржина.

Ако ја разгледаме само побарувачката за нелегален стриминг, во извештајот на компанијата „MUSO“ се наведува дека 93 отсто од нелегалното гледање телевизија преку интернет дошло преку такви стриминг услуги. Кај филмовите, нелегалниот стриминг е заслужен за 52 отсто од консумацијата на пиратска содржина (остатокот е нелегално преземање на содржина).

Што се однесува до „пиратите“ по земји, САД го презеде водството минатата година, со 12,5 милијарди посети.

По нив следат Руската Федерација (8,3 милијарди), Кина (6,9 милијарди), Индија (5,6 милијарди), Бразил (5,4 милијарди) и Украина и Франција (по 4,3 милијарди). Кога се гледа по интернет корисник, пиратските страници најчесто биле посетувани од граѓани на Барбадос, Андора, Грузија и Украина – сите со повеќе од 200 посети годишно.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.02.2021 - 15:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега