ММФ позитивно ги оцени можностите за инвестирање во земјава
Министерот за економија, Ваљон Сарачини, денеска се сретна со шефот на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во Македонија, Ивана Владкова Холар.
Тема на разговор биле надворешната стабилност на Република Македонија и интересот за странски инвестиции.
- Важно е да се знае каков е односот на домашните снабдувачи со инвеститорите, бидејќи според нив, што поголемо користење на домашни услуги и домашни производи и опрема во нивното работење ќе придонесе повеќе да се фокусираат на користење на домашните потенцијали, кои несомнено ги задоволуваат потребните критериуми и стандарди. Воедно, инвеститорите истакнаа дека нивното учество во Република Македонија придонесува кон намалување на невработеноста, но клучно прашање на кое е битно да се работи е подобрување на патната инфраструктура, за поврзување на нивниот бизнис со регонот и пошироко, рече Владкова Холар на средбата.
Министерот Сарачини информирал дека македонската Влада и Министерството за економија се насочени кон натамошно олеснување на постапките за инвестирање и спроведуваат реформи во трговската политика и во рударскиот сектор во насока на кратење рокови за доделување нови концесии и обнова на неактивираните рудници, како и за покуси рокови за добивање на дозволи за градба на енергетски капацитети.
- До крајот на 2013 се очекува странските инвестиции да достигнат до 200-250 милиони евра, а за надминување на проблемите во работењето на инвеститорите кои се веќе присутни во Македонија, секој месец се одржуваат работни средби со нив, кои овозможуваат директен дијалог за нови проекти и предизвиците со кои се соочуваат при работењето. Ваква соработка е развиена со целиот бизнис сектор во Република Македонија, а континуираните средби со бизнис заедницата овозможуваат меѓусебно информирање за примена на прописите, за новите мерки и политики и за можностите за инкорпорирање на нивните барања во регулативата, рече Сарачини на средбата.
Тој нагласи дека веќе е почната работата на патните коридори 8 и 10, но и на нови патишта: -Во полн ек е реализацијата на проектите во енергетскиот сектор, како во делот на инфраструктурата, така и во производните капацитети, посочи Сарачини.
Една од темите на разговор била поддршката на Владата на Република Македонија преку Македонската банка за поддршка на развојот за користење на кредитната транша од 100 милиони евра добиена од Европската инвестициска банка.
- Од последната транша веќе се искористени над 80 отсто, а до крај на годината се очекува одобрување на нова кредитна транша од ЕИБ од нови 100 милиони евра. За поцелисходно да се искористат средствата, а на барање на компаниите, Министерството за економија ќе излезе во пресрет на компаниите за подготовка на упатство за начинот на пополнување на апликацијата и која документација е потребна при доствавување на апликацијата во банката, се со цел да се олесни постапката за аплицирање, рече министерот Сарачини.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа