Славниот актер обвинет за силување- адвокатот го нарече тврдењето смешно
Една млада жена во четвртокот (18 март) го обвини американскиот актер Арми Хамер дека ја силувал пред четири години во Лос Анџелес, а полицијата соопшти дека го истражува случајот.
Адвокатот на Хамер ваквите наводи ги нарече смешни и додаде дека сите сексуални односи на актерот биле целосно консензуални.
Тврдењето за силување следува по наводите на социјалните мрежи во јануари од страна на неколку жени кои го обвинија 34-годишниот актер за емоционално и физичко малтретирање и рекоа дека споделува насилни сексуални фантазии.
Хамер во тоа време рече дека нема да одговори на, како што рече, злобни онлајн-напади, но сепак ова резултира во негово исклучување од два холивудски проекта. Неговите претставници го напуштија веднаш кога обвинувањата излегоа на површина.
Во четвртокот, една жена, која се идентификува само како Ефи, на видеоконференција за печат изјави дека била во четиригодишна романтична врска со актерот, кој во тоа време беше оженет со Елизабет Чемберс.
„На 24 април 2017 година Арми Хамер насилно ме силуваше повеќе од четири часа во Лос Анџелес, тој повеќепати ми ја трескаше главата во ѕидот по што добив модринки на лицето“, изјави Ефи (сега 24) пред новинарите.
„Тој исто така изврши и други акти на насилство врз мене за што јас не давав согласност“, рече таа.
Хамер и Чемберс се разделија во јули 2020 година по 10 години брак.
Макфакс
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа