Научниците објаснуваат зошто вакцината на „АстраЗенека“ може да предизвика згрутчување на крвта
Европски и канадски научници веруваат дека пронашле точно објаснување за ретките, но сериозни појави на згрутчувања на крвта кај некои луѓе кои се вакцинирале со „АстраЗенека“, објави „Ројтерс“.
Како што е наведено во текстот, научниците веруваат дека станува збор за сличен проблем како со лекот „хепарин“ кој служи за разредување на крвта. Овој лек, објаснуваат експертите, го активира имунолошкиот систем за да произведува антитела кои активираат тромбоцити, кои, пак, предизвикуваат згрутчување на крвта кај пациентот.
Но, лекот „хепарин“ не е единствениот кој го има ова својство. Научниците посочуваат дека има и други лекови кои предизвикуваат згрутчување на крвта, а како што велат, можно е и вакцината на „АстраЗенека“ да биде таков активатор.
Кај четири претходно здрави лица кои ја примиле вакцината на „АстраЗенека“ се развиле потенцијално смртоносни згрутчувања, а имале ист вид антитела кои активираат тромбоцити и предизвикуваат формирање грутки во тромбоцитопенија предизвикана од хепаринот, напишале германските, австриските и канадските научници во студијата објавена во понеделникот на „Research Square“.
Трудот не ја поминал научната рецензија. Дваесет вакцинирани лица кои не развиле згрутчувања немале такви антитела. Во коментарот објавен заедно со студијата се напоменува дека тромбоцитопенијата предизвикана од лекови може да се лекува ако точно се дијагностицира.
Милиони луѓе ја примија вакцината без никакви проблеми, а европските регулатори и Светската здравствена организација објавија дека придобивките од „АстраЗенека“ ги надминуваат ризиците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа