СДСМ: Трајче Заев немал влијание во работењето на АДГ „Пелагонија“

 

Продолжуваат очајните и неуспешни обиди на ВМРО-ДПМНЕ преку блиските медиуми, повторно да се обидат да докажат некаква незаконитост во работењето на фирмите на семејството Заеви и во  доделувањето тендери во Општина Струмица, регираат денеска од опозициската СДСМ.

-Порталот Нетпрес објавува дека Трајче Заев, првиот братучед на градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, како малцински акционер кој поседувал само 12 отсто акции во АДГ Пелагонија, имал одлучувачко влијание како и на кој начин фирмата стопанисува, конкурира и добива или не добива тендери. Акционери со вака мал удел во вкупната сопственост не можат да имаат одлучувачко влијание во работењето на фирмата! Впрочем, дека Трајче Заев бил малцински акционер со само 12 проценти учество го потврдува и самиот Нетпрес. Дополнително, евидентно е дека откако Трајче Заев го зголемил уделот во фирмата, истата нема добиено ниту еден тендер. Со овие факти паѓаат во вода конструкциите и манипулациите на провладините медиуми, стои во писмената реакција од партијата.

 

Според СДСМ, овие обвинувања се обид на ВМРО-ДПМНЕ да се одвлече вниманието од, како што велат, клучните прашања во фокусот на интерес на македонската јавност.

-Како првиот братучед на премиерот Никола Груевски, директорот на УБК, Сашо Мијалков си играл “весела математика“ и колку нули додал или одземал во износите на вредноста на неговиот имот што го пријавил во Анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување на корупцијата? Тој технички ја згрешил разликата во вредноста на имотот, од засега потврдените и признаени од негова страна, 700-тини илјади евра. Како тоа Сашо Мијалков не пријавил “ситница“ дека купил цела една фирма во Чешка? Зошто државниот орган, Антикорупциската комисија, му служи како алиби и се става во улога на заштитник на Сашо Мијалков во несовпаѓањето на неговата пријавена и вистинска имотна состојба?, стои во писмената реакција на СДСМ.

 

 

09.11.2013 - 14:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега