Претседателот Иванов со честитка за Денот на победата над фашизмот до Ромпуј

Претседателот Ѓорге Иванов денеска, по повод 9 мај, Денот на Европа, упати честитка до претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј.

- Во оваа свечена пригода, верувам дека треба да се присетиме на приврзаноста на европското лидерство „кон принципите на слобода, демократија и почитување на човековите права и фундаменталните слободи и владеењето на правото“. Во изминатите децении, овие принципи донесоа мир, надеж и единство на нашиот континент, на регионот на Југоисточна Европа и на Република Македонија и нејзиното мулти-етничко, мулти-религиско и мулти-јазично општество, наведува Иванов во честитката.

 - Оваа Европа останува отворена за сите држави. Длабоко се надеваме дека други држави ќе ни се приклучат во нашите заеднички напори,“ се вели во Декларацијата за Европа потпишана од татковците на Обединета Европа во 1951 година. Би сакал да Ве уверам дека македонските граѓани, и покрај предизвиците со кои се соочуваме, остануваат недвосмислено посветени на остварувањето на сонот за членство во напредното европско семејство. Очекувам дека во наредниот период ќе можеме да ги започнеме преговорите за членство и дека за таа цел ќе ја имаме Вашата поддршка и поддршката од партнерите во Европската унија. Ве уверувам дека ние не сакаме привилегии, туку истите критериуми кои се применуваа за другите земји-членки на Унијата, истакнува македонскиот претседател во честитката до Ромпуј. 

најчитано сега