Србија започнува со изградба на "Јужен тек" - се подготвува кракот за Македонија
За време на вчерашниот состанок кој се одржа помеѓу српскиот премиер Ивица Дачиќ и директорот на рускиот „Газпром“, Алексеј Милер, било договорено Србија да започне со изградбата на Јужен тек на 24-ноември.
Како што пренесува српскиот Блиц, синоќа на состанокот помеѓу Дачиќ и Милер било договорено Јужниот тек да има крак кон Косово, Македонија и Црна Гора. Единствен проблем е кракот кон Косово, бидејќи Русите не сакаат да потпишат меѓународен договор со Косово кое не го признаваат како независна држава.
Директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ во интервју за Радио телевизија Србија изјавил дека проектот за изградба на гасоводот е подготвен и потребните финансиски средства за обезбедени. Тој изјавил и дека во моментов се работи на проект за јужниот крак до Македонија.
Инаку, Македонската Влада договорот за Јужен тек го потпиша на 23 јуули годинава. Вицепремиерот Ставревски оцени дека изградбата на Јужен тек ќе овозможи и привлекување на нови странски инвестиции, но и поголема конкурентност на македонските фирми.
Изградбата на гасоводот во Русија почна минатата година, а капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа