Три нови странски инвестиции во Македонија - можност за отварање нови работни места
Премиерот Никола Груевски денеска најави три нови странски инвестиции со кои ќе се овозможат нови работни места во Македонија.
Се работи за голема европска компанија која ќе инвестира во дејност поврзана со телекомуникациите, додека другите две компании ќе инвестираат во медицинската индустрија.
- Очекуваме до крајот на овој или почетокот на следниот месец да се објави дека крупна европска компанија сака да инвестира во дејност поврзана со телекомуникациите и да вработи неколку стотици лица. Нејзиниот план е во период од околу три години да вработи над илјада лица во Република Македонија. Станува збор за работи од повисока технологија и ќе бидат ангажирани голем број лица со претходна извршена обука. Од она што ми беше кажано за време на последната средба со нив ќе бидат ангажирани лица главно со високо образование од различни струки, но со дополнителна обука ќе бидат насочени во дејноста која што компанијата сака да ја извршува, изјави Груевски.
Груевски информираше дека исто така и турска компанија од медицинската индустрија ќе инвестира во Македонија.
- На денешната владина седница треба да помине договорот за закуп на земјиштето, а тие веќе на терен вршат геомеханички истражувања на земјиштето. Прашање на време е кога ќе започнат со нивната реализација. Станува збор за почетни 250 вработувања, а подоцна можеби ќе има и повеќе, појасни Груевски.
Во оваа прилика, рече Груевски, би ги спомнал само овие инвестиции коишто се во самиот финиш и се очекува наскоро самите компании да ги објават.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа