Шилегов: Имаме со што да излеземе пред скопјани на локалните избори
Работа на политичките партии е да ги договорат термините за локалните избори, а ние сме подготвени и имаме со што да излеземе пред скопјани, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, коментирајќи го предлогот локалните избори да се одржат на 31 октомври.
– Што се однесува до скопјани, јас знам дека им е сосема сеедно дали изборите ќе бидат порано или на 31 октомври, затоа што знам дека ќе изберат континуитет во дејствувањето и функционирањето на градот. Ние сме спремни. Имаме и со што да излеземе пред скопјани. Имаме што да понудиме како продолжение, како континуитет на оваа успешна скопска приказна, потенцира Шилегов на денешната прес-конференција по повод почетокот на реконструкцијата на улицата „Лука Геров“ во Општина Петров.
Во однос на забелешката на ВМРО-ДПМНЕ дека „согласно Уставот, локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври“, Шилегов оцени дека станува збор за обид за проблематизирање на изборите.
– Мислам дека повеќе станува збор за изговори со обид да се проблематизираат локалните избори, имајќи во предвид дека и на ДПМНЕ му е јасно дека особено во Скопје нема што да бара на изборите, нагласи Шилегов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа