НБРМ: Заздравува македонската економија

 

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка денеска одлучи каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,25 отсто, на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот што достасува, а да се задржи и тековната монетарна поставеност откако во септември се воведоа измените кај задолжителната резерва насочени кон поттикнување на кредитната активност на банките.

НБРМ очекува дополнително зајакнување на растот во 2014 година и 2015 година во услови на подобро глобално окружување, зголемено искористување на потенцијалот на странските извозни капацитети, фискален стимул врз инвестициите и постепено закрепнување на потрошувачката.

- Инфлациските изгледи за 2013 година не се променети во однос на април. И понатаму се очекува забавување на растот на инфлацијата во следните две години, во отсуство на шоковите од увозните цени, коишто ги имаше досега. Проекциите за надворешниот сектор упатуваат на помал дефицит во тековната сметка во однос на очекуваниот во текот на априлските проекции, при помали увозни притисоци и подобри извозни остварувања, стои во соопштението од Централната банка.

Бидејќи глобалното закрепнување се уште е неизвесно, постојат ризици за надворешната позиција на економијата, кои можат да се прелеат преку повеќе пунктови: - Овие ризици бараат постојано следење на евентуалните промени во надворешните и домашните економски услови во наредниот период и навремено преземање соодветни мерки, посочува НБРМ.

Инаку, и ликвидноста на македонскиот банкарски систем и во октомври е на стабилно ниво. На домашните пазари на пари, меѓубанкарското тргување со депозити забележа пораст, а движењата на девизниот пазар беа под влијание на вообичаените сезонски фактори. Девизните позиции на банките и натаму се на релативно стабилно ниво, а Народната банка продолжи да интервенира на девизниот пазар со откуп на девизи. За надминување на ликвидносните флуктуации, банките активно ги користеа монетарните инструменти.

13.11.2013 - 14:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега