„Буџетот да се носи со етнички консензус“ - Тачи се инспирираше од идејата на Заев
Првиот човек на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи ја поддржува идејата на претседателот на СДСМ Зоран Заев и бара за се да има етнички консензус.
Тачи смета дека оваа идеја на Заев за вонинституционално решавање, преку консезус, за сите политички прашања во Македонија, треба да биде искористена за следната година при донесувањето на Буџетот на Република Македонија.
-Не се сложуваме со концептот во Македонија. Продолжуваат да не убедуваат во овој модерен концепт: „Македонците да бидат газди, а ние да бидеме слуги". После многу години национален романтизам што го имавме како Албанци, откривме дека кај парите е големиот проблем. Се работи за инвестиции и за иднина. И буџетот и многу други работи во оваа држава треба да се носат со етнички консензус, инаку нема да успееме во ништо друго, изјави лидерот на ДПА, пренесува Курир.
Идејата на лидерот на СДСМ очигледно отвори можност одредени политички субјекти да испорачаат свои политички барања за инсталирање механизми на консензуална демократија. Експертската јавност, пак, го критикува ставот на Заев, посочувајќи дека на овој начин ги реафирмира идеите на Арбен Џафери и сето тоа ќе заврши како еден голем политички панаѓур кој ќе биде на штета на стабилноста на политичкиот систем на земјата.
-По мое длабоко убедување, основната порака на овие и слични барања е да се испрати јасен сигнал до носителите на власта во земјата дека е потребно менување на правната и на политичката рамка на државата која треба да се прилагоди и редизајнира согласно политичките амбиции на неколкумина, со цел зголемување на просторот за нивен политички маневар, вели Професор д-р Тања Каракамишева, пренесува Курир.
Според експертите, во отсуство на конкретни економски идеи и решение, СДСМ не смее да пласира планови кои го загрозуваат државното уредување, стабилноста на државата и стабилноста на политичката сцена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа