Сарачини: Странските инвестиции годинава ќе достигнат од 200 до 250 милиони евра

 

Министерот за економија, Ваљон Сарачини, во интервју за МИА, изјави дека ако  до крај се реализираат веќе најавените и прелиминарно договараните инвестиции од одредени инвеститори, може да се очекува дека до крајот на годинава странските директни инвестиции ќе достигнат од 200 до 250 милиони евра. Тој ги истакнува заложбите на македонската Влада за привлекувањето на странските инвестиции.

- Напорите на Владата вложуваат со плод. Во првите осум месеци од годинава во Република Македонија влегле 153 милиони евра, што е за 53 милиони евра повеќе од цела 2012 година. Веќе следната година се очекува заживување на светската, а во тие рамки и на европската економија. Нашите очекувања се дека во текот на 2014 година би можеле да имаме уште поголем прилив на странски инвестиции, посочува Сарачини.

Околу ТИРЗ Тетово, Сарачини посочува дека со поставувањето на камен-темелникот на зоната Тетово се означил почетокот на реализацијата на овој комплексен проект, прв во државата по моделот на јавно-приватно партнерство.  - Мене ми е посебно драго што партнерот за изградба на зоната, норвешкиот конзорциум основан само за потребата на ТИРЗ Тетово „Нормак Инвестмент Груп“ е составен од четири сериозни норвешки бизнис асоцијации, меѓу кои SIVA International Management и „Innovation Norway“, како и една американска компанија, со огромно искуство во овој тип активности, со над 100 вакви реализирани проекти во своето работење, која оперирајќи ја зоната ќе придонесе за развој на целиот Полошки регион.Посебно е интересна местоположбата на зоната. Со изградбата на адекватната инфраструктура има потенцијал да привлече многу странски инвеститори, бидејќи се блиску границите со Косово, Албанија и со Србија, аеродромот во Скопје, а со патниот правец Кичево-Охрид и до охридскиот аеродром, но и до пристаништето во Драч. Не помалку е важно и постоењето на двата универзитета во Тетово, како можност за висококвалитетни и доброобразовани кадри, што претставува посебна поволност за многу инвеститори, вели министерот за економија.

Во однос на хидроцентралите Сарачини вели: - Во претходниот период посветивме навистина значително внимание на реализацијата на овој проект и може да се каже дека резултатите во напредокот со изградбата на малите хидроцентрали во Македонија се веќе видливи. Досега потпишавме вкупно 66 договори за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали, чиј вкупен инсталиран капацитет изнесува 60 мегавати, со очекувано годишно производство од 230 гигават часови електрична енергија. Проценетата инвестиција се движи од 100 до 120 милиони евра. Изградбата на малите хидроцентрали во Република Македонија особено позитивно влијае врз локално економскиот развој, бидејќи овозможува отварање на нови работни места за локалното население, ангажирање на локалните фирми при процесот на градење, а во буџетот на општините се слеваат дополнителни финансиски средства од концесискиот надоместок. На пример, во последниве три години по основ на концесиски надомест во буџетот е остварен приход од околу 700 милиони денари, што воопшто не е за потценување. И, најважното, со малите хидроцентрали се зголемува производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија што е во согласност со политиките на Владата за промовирање на инвестиции во чиста енергија.

За тендерите Стогово, Тајмиште, Иловица Сарачини вели дека известициите се значајни не само за регионите туку и за цела држава.

За локалитетот „Стогово“, Владата склучи договор за концесија за експлоатација на минерална суровина-маган со друштвото „Скопски легури мајнинг“ од Скопје. Со експлоатација на минералната суровина и изведување на рударските работи може да се отпочне откако концесионерот ќе добие дозвола за експлоатација. Концесионерот во меѓувреме треба да подготви проектната документација и да поднесе барање за добивање на дозвола за експлоатација во рок од четири години, а по добивањето на дозволата, во рок од три години да започне со работа. Притоа, оваа концесија е особено значајна за општините Дебарца, Кичево, Дебар и Струга, кои добиваат 78 отсто од концесискиот надомест. 

Што се однесува до рудникот Тајмиште во општина Зајас, деновиве се објави јавниот повик за експлоатација на минерална суровина – железо, кој ќе трае до 18 декември, а веќе следниот ден е закажано електронското наддавање. Условите за отпочнување со работа се согласно законот.

Неодамна во тој регион имавме уште една успешна инвестиција, и тоа хрватска, во делот на минералната суровина - подземна вода на локалитетот село Гари, општина Дебар. Друштвото Мали Лошињ, како дел од најавената инвестиција од 6.000.000 евра ја започна изградбата на фабрика за минерална вода, во која се најавени околу 70 нови вработувања.

Што се однесува, пак, до локалитетот Иловица, канадската компанија „Еуромакс“, специјализирана за истражување на минерални суровини, преку својата компанија регистрирана во Македонија подолго време го истражува локалитетот во општина Босилово. Во јули минатата година оваа компанија склучи договор со Владата за концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот Иловица и оттогаш практично започнаа активностите за подготовка на техничката документација и подготовка на теренот за добивање на дозвола за експлоатација. Согласно законските одредби, концесионерот има рок најдоцна до јули 2016 година да ја поднесе целокупната техничка документација за добивање на дозвола за експлоатација, што вклучува изработка на главен рударски проект, кој ќе го предвиди целиот процес на експлоатација и преработка на минералната суровина. По добивањето на дозволата за експлоатација, концесионерот има рок во наредните три години во целост да ги заврши сите предвидени работи да започне со експлоатација, иако се очекува побрзо да се завршат сите подготовки, односно да почне со работа во наредниве 5 години.

Министерот додава и дека е задоволен од странските инвестиции во земјава и дека за во иднина се очекуваат поголем број инвестиции.

15.11.2013 - 09:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега