Груевски: СДСМ го потценува интелектот на граѓаните со мерките кои ги предлага

Претседателот на Владата, Никола Груевски, денеска за време на отворањето на спортската сала во ОУ „Исмаил Ќемали“ во Гостивар, истакна дека СДСМ со предложените мерки и проекти го потценува интелектот на граѓаните.

- Најголем дел од проектите на СДСМ се необмислени и се нафрлаат без конкретни бројки за буџет и рокови за изведување и завршување. Може да се каже, извадени се од џеб. Имам чувство дека тие може да ветат дека минималната плата ќе биде 10.000 евра, дуплирање на годишните одмори, дури и да речат дека Сонцето ќе изгрева наместо од Исток кон Запад, обратно, и се ова се однесува за поголем дел од работите што тие велат дека се проекти. Нам ни останува да останеме фокусирани на реалните проекти и решавање на реалните проблеми, рече Груевски, одговорајќи на новинарски прашања.

За инцидентите кои се случија во автобусите на ЈСП во Скопје, премиерот изрази жалење и истакна дека веќе разговарал со министерката за внатрешни работи и побарал да се најдат виновниците и соодветно да се санкционираат.

Груевски оцени дека веќе е тренд отворањето нови фабрики од страна на странските инвеститори кои се веќе во Македонија.

- Тоа покажува дека странските компании се задоволни од условите што ги нуди Владата и локалните самоуправи. „Џонсон контрол“ покрај постоечката фабрика во Скопје, отвора нова во Штип, меѓународната компанија „Џонсон Мети“ на истото место работи на отворање нова фабрика, Технохозе најави отворање нов објект четирипати поголем од постојниот, руската компанија за лекови „Продис“ најави дека во април ќе отвори втора фабрика во која ќе вложи 15 милиони евра и ќе вработи нови 150-200 луѓе што е најдобра потврда дека Македонија нуди најдобри услови за инвестирање, посочи премиерот.

Покрај отворањето нови фабрики од актуелните инвеститори, се отвораат и фабрики од други вложувачи кои обезбедуваат репроматеријали за постојните капацитети, како што е примерот во Кавадарци каде покрај големата германска инвестиција, има заинтересирано туниска компанија, а таков е случајот и во Кочани каде што кинеска компанија ќе произведува репроматеријали за постојните капацитети, истакна Груевски.

 

16.11.2013 - 15:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега