Ново место за спорт и рекреација - повеќенаменско игралиште "никна" во Штип

Премиерот Никола Груевски денеска со набиена агенда. По пуштањето во употреба на целосно реконструираното подрачно училиште „Тошо Арсов“ во населбата Македонка во Штип, тој заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски  и градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев го пушти во употреба и повеќенаменското спортско игралиште во една од најголемите штипски населби Сењак.

- Штип е дел од овој проект и затоа денеска, во оваа населба имаме ново повеќенаменско игралиште на кое може да се игра фудбал, кошарка, ракомет и други спортови. Игралиштето е оградено, а има и осветлување за да може да се употребува и во доцните вечерни часови, рече Груевски. 

Се работи за инвестиција вредна седум милиони денари: - Во претходниот период ја изградивме салата „Јордан Мијалков“, го реконструиравме фудбалското игралиште во Суитлак, ја реконструиравме училишната сала во ОУ „Гоце Делчев“, како и училишната сала во СУ „Славчо Стојменски“. Општината исто така инветираше во десетици спортски терени во целиот штипски регион. Кога сме кај спортот, би сакал да ви најавам дека веќе е отпочната и тендерска постапка за изградба на новите тениски терени во Штип, додаде премиерот и посочи дека Владата продолжува со проектите и во други полиња од значење за граѓаните.

Во населбата Сењак, покрај повеќенаменското спортско игралиште, изградена е и зграда со станови за социјални категории на граѓаните, а веќе е почната и изградбата на новиот голем трговски центар.

- Штип добива пет проекти, меѓу кои Универзитетот, ТИРЗ-от, автопатот Миладиновци – Штип чија изградба почнува меѓу 20 и 23 февруари, новата клиничка болница исто така ќе се гради во февруари, а потпишан е и меѓународен договор за изградба на карго-аеродромот во 2020 година, рече Груевски.

Премиерот Никола Груевски се очекува да го отвори и патот Штип  - вештачко езеро Мантово. 

17.11.2013 - 13:35
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега