Ивновски во Бангкок ќе ги презентира поволностите за инвестирање во Македонија

Министерот  Иво Ивановски денеска во Бангкок на средба со својот тајландски колега Анудит Накорнтап ги презентираше поволностите за инвестирање во Македонија. 

Министрите ја потенцираа можноста за воспоставување контакти помеѓу ИКТ коморите во двете земји, што ќе овозможи заедничка соработка во оваа област, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација.

Иво Ивановски ќе престојува во Бангкок до 22 овој месец, како учесник на конференцијата „ITU Telecom World 2013“, што се одржува во Бангкок, Тајланд.  Ќе има обраќање на панел дискусијата „Транформација во образованието - Важноста на ИКТ во образованието во 21-от век“  заедно со потпретседателот на корпорацијата Интел, Џон Дејвис, министерот за комуникации и мултимедија на Малезија, Дато Шри Ахмад Шабери, министерот за транспорт и врски на Турција, Бинали Јилдирим и министерот за комуникации на Габон, Блез Луемб.

На ITU Telecom World 2013 ќе се дебатира и ќе се разменуваат знаења и искуства за вмрежување на глобалната ИКТ заедница, како една од основите за решавање на критични социо-економски предизвици.  Акцентот ќе биде ставен на роботиката, виртуелизацијата на мрежите, 3D печатењето и носечките технологии. Настанот се одржува во соработка со Меѓународната телекомуникациска унија под мотото „Усвојување на промените во дигиталниот свет“.

 

19.11.2013 - 13:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега