Синдикатот на УПОЗ бара потпишување нов колективен договор

 

Во организација на Фондацијата Фридрих Еберт, репрезентативниот Синдикат на судството, Здружението за судска администрација и ресорните државни органи, денеска се одржа трибина „Кои се партнерите во судството и дали ја знаат својата улога и одговорност“.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски истакна дека целта трибината е да се потикне работодавачот во судството да седне и да потпише колективен договор.

- Синдикатот на УПОЗ  во 1995 година меѓу првите синдикати во Македонија потпиша колективен договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправава со неограничен рок на важење. Во меѓувреме беше донесен нов закон за судови, со што државните службеници вработени во судовите станаа судски службеници со што се измени нивната позиција и требаше да постапиме кон усогласување на Колективениот договор. Но до сега немаме слух од другата страна. За да се потпише договор  или измени треба добра воља од двете страни, рече Грујовски.

Кажа дека доколку наскоро не дојде до решение за колективен договор можно е да дојде до големо незадоволство кај вработените во правосудството и барање за организирање протест.

Посочи дека најголем проблем за вработените се платите кои не се зголемени од 2007 година после протестите. Истакна дека од тие причини, додека се замразнати платите, да се најде решение како ќе биде по одмрзнувањето затоа што платите на судиите се регулираат со закон и тие секоја нова година добиваат одредени зголемувања, а судската администрација останува со замрзнати плати или со сосема мали зголемувања што прави револт кај вработените. 

Лазар Јовевски доцент на Правниот факултет при УКИМ нагласи дека колективниот договор во судството како и секаде може да регулира голем број прашања меѓу кои и прашањето за платите.

- Треба да се искористи таа шанса, навистина тоа е едно демократско средство и начин преку кое што и двете страни, работниците и работодавачите можат да решат голем број прашања што во минатото се решавале преку штрајк, истакна Јовевски.

Од Фондацијата Фридрих Еберт истакнаа дека како организатори на денешната активност имаат за цел да ги седнат на иста маса социјалните партнери, односно работодавачите и синдикатите каде ќе се разговара за потребата и конечното потпишување на колективениот договор. 

21.11.2013 - 14:44
Фото: 
Вечер

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега