Средба Сарачини-Врдољак: Македонија и Хрватска ќе ја интензивираат економската соработка

 

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска оствари средба со својот хрватски колега, Иван Врдољак. На средбата било констатирано дека економската соработка меѓу двете земји ќе продолжи непречено да се одвива и во иднина.

- Соработка ќе продолжи да функционира согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а денеска заедно со министерот за економија на Хрватска, Иван Врдољак потишавме и Договор за измени и дополнувања на Договорот за билатерална трговија и економска соработка меѓу Македонија и Хрватска со кој се уредуваат сите одредби од договорот со европското законодавство, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини по потпишувањето на договорот.

Сарачини по потпишувањето на договорот истакна дека политичките односи меѓу Македонија и Хрватска се одлични, додека економските се незадоволителни.

- За првите девет месеци од годинава трговската размена меѓу двете земји е околу 160 милиони американски долари, а до крајот на годинава се очекува да достигне до 220 милиони. Тоа е недоволно доколку се знае дека станува збор за земји кои имаат традиционална соработка и произлегуваат од иста земја, рече Сарачини.

На средбата било констатирано дека двете земји имаат економии кои не си конкурираат една на друга поради што стопанствениците од двете земји треба да најдат интерес за заеднички настап на трети пазар.

 

- Ретко може да се најде земја со која толку брзо може да се решат пет прашања. Таков е случајот со Македонија. Само пред месец дена со министерот Сарачини во Загреб разговаравме за тоа, а веќе денеска можам да кажам дека сите се решени, рече Врдољак.

Прашан дали проблемот со враќањето на македонските корнишони од хрватскиот пазар поради големо присуство на пестициди може да предизвика проблеми со увозот на македонски стоки во Хрватска, особено на земјоделски, Врдољак рече дека поединечни случаи не можат да влијаат на увозот.

- Инспекциските служби си ги вршат своите работи и доколку откријат неправилности стоката се враќа. Но, сепак тоа не може да биде тренд за сите стоки кои доаѓаат од Македонија во Хрватска. Поедничени случаи не можат да влијаат на одличната соработка, рече Врдољк и нагласи дека по влегувањето на Хрватска во ЕУ се зголемуваат и стандардите за стоките кои се увезуваат.

25.11.2013 - 13:22
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега